Дали имам атописки или контактен дерматит
Понекогаш на лекарот веднаш му е јасно дали промените на кожата укажуваат на атописки или контактен дерматит. Понекогаш разликите не се толку забележливи на прв поглед, но можно е истото лице да ги има и двата видови на дерматит. Ова прашање е дополнително отежнато со фактот дека возрасните со атописки дерматит полесно заболуваат и од контактен дерматит.
За терапијата да е точна и ефикасна важно да се знае вистинската причина за дерматит.
Кои се сличностите помеѓу атописки и контактен дерматит
И контактен и атописки дерматит е еден вид на егзема. На кожата и во двата случаи се појавуваат слични промени, оток на ниво на епидермалните клетки кои гледани под микроскоп изгледаат како сунѓер. Хистопатолошко испитување на двете болести (наод кој се добива при преглед на кожата под микроскоп) е многу сличен.
Кои се разликите помеѓу атописки и контактен дерматит?
ПРИЧИНА
Aтопискиот дерматит е последица од генетска предиспозиција за развој на атопија. Контактниот дерматит е последица од контакт со разни алергени или иританси.
Кај атопискиот дерматит често наоѓаме генетска мутација на протеинот филагрин, што предизвикува нарушување на заштитната бариера на кожата и дехидрација, со зголемување на можноста за пенетрација на алергени од животната средина во кожата. Алергените притоа предизвикуваат алергиска реакција и чешање на кожата. Гребењето дополнително ја влошува ситуацијата при што создава ново воспаление и свраб…
Ако не се исполнуваат овие услови (мутации на протеини и склоност кон алергии) не е многу веројатно дека ќе се развие атописки дерматит.
Контактен дерматит е реакција на кожата на изложеност на одредени алергени и хемикалии.
Често овие видови на реакции се одговор на некои алергени и хемикалии во бои за коса , некои метали (најчеста алергија на никел која може да се најде во накит, делови од облека, но исто така и во храна), мириси, формалдехид, разни видови на детергенти (во средства за чистење на домаќинство, но исто така и во козметика) итн.
Контактниот дерматит може да биде иритативен (директен ефект на некои хемикалии – на пример, киселина) на кожата или алергиски (резултат на чувствителност на алергени кои се наоѓаат во природните и вештачките материјали околу нас).
ВОЗРАСТ
Атопискиот дерматит кај поголемиот дел од луѓето се јавува во детска возраст, додека контактниот дерматит е поредок на оваа возраст.
ЛОКАЛИЗАЦИЈА
Додека атопискиот дермат често се јавува на кожните набори (лактите или колената, зад ушите, под брадата …), контактниот дерматит се јавува во области каде што имало контакт на кожата со хемикалии или други контактни алергени.
Дијагнозата се поставува врз основа на видот на промените на кожата (егзема), присуството на чешање и склоноста кон алергии. Алерголошкиот “patch” тест е златен стандард за дијагноза на контактниот дерматит.
Без разлика каков вид на дерматит да имате, важно е да се јавите кај дерматолог.Лекарот ќе постави дијагноза, ќе препише соодветен третман и ќе ве насочи за обавување на правилна секојдневна нега.
Доц. д-р. сци. мед. Светлана Попадиќ, спец. дерматовенеролог
Асс. д-р.сци.мед. Срѓан Танасиловиќ спец. дерматовенеролог