СЕКОЈДНЕВНАТА НЕГА НА КОЖАТА Е МНОГУ ВАЖНА

Основа на лекување на атопискиот дерматит (АД) е нега на кожата со емолиенси, како за време на фазата на влошување, така и за време на фазата на мирување на болеста.

За време на терапијата и во текот на фазата на мирување на болеста, пациентот има потреба од соодветна грижа со која ќе ја задржи влагата во кожата и ќе се смири чувството на чешање и пецкање. Станува збор за дермокозметички препарати наменски формулирани за сува и атопична кожа.

КОЛКУ ВРЕМЕ? КОЛКУ ЧЕСТО?

Се препорачуваат кратки туширања, сушење на кожата со нежно тапкање со крпа, и потоа нанесување на емолиенси на сувата кожа. Важно е секојдневно да се применува емолиенс, со честота од два пати на ден, во адекватна количина од 250-500 мл неделно, во зависност од возраста и површината на телото.

КОИ СЕ ЕМОЛИЕНСИ? ЗОШТО СЕ ТОЛКУ ВАЖНИ?

Емолиентните препарати (емолиенси) се важни за нега на атопичната и сува кожа и достапни се во форма на емулзии, креми, масти, лосиони и масла.
Тие содржат липиди од растително, животинско или синтетичко потекло. Ја хидрираат кожата, ја омекнуваат и ја смируваат.
Важни состојки на емолиентните препарати се супстанциите наречени хумектанси, кои ги привлекуваат молекулите на вода од длабоките слоеви на кожата, се врзуваат за нив и ги одржуваат во површинскиот слој. Најефикасно соединение со такво дејство е глицеринот.
Оклузивните супстанции се уште еден важен елемент во формирањето филм на површината на кожата кој ја спречува загубата на вода што хумектансите ја привлекуваат во површинските слоеви на кожата (вазелин, минерално масло, парафински восок, стероли, итн.).
Важна улога на емолиентните препарати е да ја обноват кожната бариера преку обезбедување на липидните компоненти кои ѝ недостасуваат. Холестеролот е една таква супстанца која природно се наоѓа во кожата и е една од различните епидермални липиди.
Емолиенсите треба да бидат одбирани индивидуално, во зависност од степенот на сувост на кожата, времето од денот и сезоната.
Емолиенсите ја намалуваат трансепидермалната загуба на вода (испарувањето на водата преку кожата), создаваат заштитна бариера, а преку редовно користење го подобруваат и функционирањето на епидермалната бариера. Се верува дека континуираната употреба на емолиенти, преку надополнување на површниот слој на кожата со вода и липиди, е најефикасниот начин на лекување на АД. За терапевтска ефикасност, со други зборови, за намалување на воспалението и чешањето на кожата треба да се користи емолиенс најмалку два пати дневно, во текот на целиот живот, дури и во фаза на ремисија. Значително подобрување на епидермалната бариера се постигнува по 2-4 недели на редовна употреба на адекватниот препарат во препорачаната постапка. Неопходно е да се користат емолиенси произведени по модерни биотехнолошки методи кои им овозможуваат пенетрација на молекулите на препаратот подлабоко во кожата. Систематската употреба на емолиенси во соодветни количини, од 250-500 мл неделно, може да биде доволна за контрола на благи форми на АД.

Doc. д-р сци. мед. Светлана Попадиќ спец. дерматовенеролог
Асс.д-р.сци.мед. Срѓан Танасиловќ спец. дерматовенеролог