Причини за атописки дерматит

Кај пациентите постои генетска предиспозиција за оваа болест, а една од главните карактеристики на болеста е изменет и пренагласен имунолошки одговор. Во клиничката слика на АД доминира сува, иритирана кожа, која веќе ја нема истата моќ на заштита како онаа на здравата кожа и станува порозна за микро-организми (вклучувајќи ја Staphylococcus aureus, бактерија која најчесто се наоѓа на атописката кожа), како и за молекули кои предизвикуваат алергиски реакции. Во моментот е застапено верувањето дека дисфункцијата на епидермалната бариера игра важна улога во патогенезата на болеста, а нарушувањето на самата бариера резултира со потешка клиничка слика на болеста.
Причината за оваа болест е комплексна. Познато е дека на појавата и текот на болеста влијаат генетските фактори, нарушувањата на имунитетот, колонизацијата на патогени микроорганизми на кожата, како и психосоматските фактори.

Ако мислите дека кај Вашето дете е присутна поврзаност помеѓу атопискиот дерматит, алергии на храна, алергиски ринит и / или астма, разговарајте со Вашиот лекар или алерголог.

Разбирањето на болеста е првиот чекор за одржување на болеста и симптомите под контрола. Следниот чекор е откривање на предизвикувачите на болеста кај Вашето дете. Колку повеќе успевате да ги избегнете потенцијални предизвикувачи на болеста, толку повеќе ќе го намалите интензитетот на симптомите и ќе помогнете препорачаната терапија да биде поуспешна.


Познати предизвикувачи кои играат важна улога кај поголемиот дел од пациентите со атописки дерматит:

  • Сува кожа – укажува на нарушена бариерна функција. Сама по себе предизвикува чувство на јадеж кој е придружен со чешање и правење микроповреди на кожата. Нарушената микрофлора кај атопичарите, присуството на S. aureus кој лесно се пренесува со гребење, допринесува во етиологијата и одржувањето на воспалението (црвенило).
  • Надразнувачи – детергенти, темно обоени ткаенини, како и конзерванси и адитиви кои се додаваат на овие бои за нивно стабилизирање, придонесуваат за развој на воспалението.
  • Стрес –во стресни ситуации атопичарите често реагираат со чешање, а со тоа се влошуваат лезиите на кожата.
  • Топлина и потење – атопичарите во топли услови обично прво почнуваат да се чешаат, а по извесно време и да се потат.
  • Инфекција – колонизација на кожата од S. aureus е очекувана кај атопичарите. Самиот S. aureus го забрзува и олеснува одржувањето на воспалението (црвенило на кожата) кај атопичарите.
  • Алергени – инхалаторни, нутритивни, контактни, сите тие можат да придонесат за влошување на локалниот статус кај атопичарите – но не е задолжително. Во консултација со лекар треба да се прават заклучоци за постоењето и значењето на одредени алергии.