ЖИВЕЈТЕ КВАЛИТЕТНО СО АТОПИЈА.

За да се држи под контрола атопискиот дерматит и да се спречи понатамошно сушење на кожата, можете да внесете некои промени и навики во вашиот животен стил кои можат да бидат од голема помош во одложување или ублажување на симптомите на атописки дерматит. Исто така, во времето на ремисија кога симптомите ќе се повлечат, ќе ја ублажите сувоста на кожата.

Оние кои страдаат од атопија треба да поминат неколку часа на ден на свеж воздух, кој помага да се подобри функционирањето на имунолошкиот систем, а со тоа се создава и подобра контрола врз самата болест.
Кај деца со атописки дерматит, важно е да се избере соодветно хоби – она кое нема да доведе до влошување на состојбата на кожата. Препорачлива е консултација со дерматолог кој се грижи за пациентот.
Се препорачува детето да биде во контакт со своите врсници, со цел да се овозможат предиспозиции за нормален развој и социјализација.

Стресот има значително влијание врз развојот на атописки дерматит и за појавата на неговите симптоми. Важно е да се развијат способности за справување со стресот и со “тешките” ситуации во детството.

ИЗБЕГНЕТЕ АЛЕРГЕНИ
Исфрлете потенцијални предизвикувачи на атописки дерматит од околината на детето. Постојат фактори за кои се знае дека го влошуваат АД: волна, волна масти, темно обоени ткаенини (црна, кафеава, темно сина), конзерванси во храната, вкусови и мириси, агенси кои ја менуваат pH вредноста на кожата, како што се сапуни, лосиони и алкални прашоци.

ЖИВОТЕН ПРОСТОР

Просторот во кој живеат луѓе со атописки дерматит бара дополнителна хигиена, со цел да се отстрани што повеќе прашина и алергени од животната средина. Одржувањето на хигиената со отстранување на прашина од куќата: редовно усисување не само на подот и теписите туку и на тапацираниот мебел. Да се разгледа можноста да се исфрлат од куќата завеси од ткаенина, волнени теписи и мебелот наместо со ткаенина да е покриен со кожа или вештачка кожа. Избегнете детергенти за домаќинство со силни мириси.
Намалување на греење – лица со атописки дерматит не треба да престојуваат во прегрееани соби – исто како што не треба да се облекуваат претопло, бидејќи топлината и потењето ги засилуваат симптомите. Исто така е важно дома да има овлажнувач на воздухот, бидејќи сувиот воздух придонесува за дополнително сушење на кожата.

ОБЛЕКА

Облекувајте го вашето дете во памучна облека, избегнувајте синтетички материјали и волна кои можат да ја иритираат кожата.
Немојте да го облекувате детето премногу, бидејќи топлината и потта дополнително ја иритираат кожата.

Внимателно одбирајте ги детергентите – доколку е потребно, изберете хипоалергични, специјални детергенти. При перење на облеката, избегнувајте користење на омекнувач и исплакнете ја облеката два пати за подобро да се одстрани детергентот од истата.

Секоја нова облека да се испере пред да се облече.
Облеката која се облекува директно на кожата може да се преврти наопаку, за внатрешните рабови и етикети дополнително да не ја иритираат кожата.

 

СОН

Кога егземата е активна, спиењето е нарушено поради чешањето и гребењето. Нарушен сон и постојан недостаток на сон придонесува за развој на стрес, може да влијае на појавата на намален апетит, а со тоа влијае на бавен раст и развој на атопичарот. Еве уште еден маѓепсан круг на атопија.
Спиењето е важно, а за добар сон со атописки дерматит се важни три работи: памучна постелнина, адекватна собна температура, заштита на кожата со емолиенси пред спиење. Исто така добра идеја е доколку промените на кожата се во состојба на влошување да се ладат со мраз завиткан во памучна крпа пред спиење.
Со оглед на тоа дека топлината го интензивира чувството на чешање и печење, изберете лесен, по можност памучен покривач. Ако не е сезона на полен или ако поленот не ви смета оставете го прозорот отворен во текот на ноќта. Облеката за спиење треба да е направена од тенок памук.
Златното правило за добар ноќен сон: не одете на спиење со сува кожа! Потребен е богат слој на емолиентен крем пред спиење.
Дури и некои постапки може да помогнат за да се обезбеди поголем психички мир: обидете се да одете на спиење (или детето) секогаш во исто време, исклучете го компјутерот, телевизирот и мобилните телефони најмалку еден час пред спиење. Обезбедете колку што е можно потивко место за спиење и добро проветрете ја просторијата пред спиење.

УЧИЛИШТЕ

Дете со егзема во училиштето ќе се сретне со серија на пред се’ психолошки искушенија предизвикани од задевањето од другите деца поради црвенилото на кожата и поради влошување на симпотмите предизвикани од зголемената физичка активност и потењето. Преземете некои чекори за да му ги олесните на ученикот овие проблеми.
Зборувајте со наставникот и објаснете му каков вид на здравствен проблем има детето и како тој може да му помогне. Замолете вашето дете да не седи до радијатор бидејќи топлината предизвикува нов јадеж, да не учествува во интензивна физичка активност која ќе предизвика загревање и потење – или доколку учествува, да може да носи облека, која е прилагодена на неговиот проблем.
Не го облекувајте детето со премногу облека, кога оди на училиште треба да носи лесна памучна облека.
Пред да тргне на училиште добро намачкајте ја кожата на детето со емолиентен крем, за да не мора да аплицира крема во училиште.
Ако има инфекција во еден дел на кожата, препорачливо е да се стави завој на тоа место за да се избегне чешање на раничките додека е на училиште. Потрудете се завоите да не бидат на голема површина за да не го привлекуваат вниманието на врсниците.