Како да се препознае атопискиот дерматит

Во секојдневната комуникација атопискиот дерматит обично се нарекува егзема, што не е неточна, бидејќи атопискиот дерматит е еден вид – и тоа најчест тип на егзема. Сепак, под егзема може да се вклучат и други состојби на кожата (види повеќе во делот за разлика помеѓу егзема и атописки дерматит) така што попрецизно е да се зборува за атописки дерматит.
Првите симптоми обично се појавуваат помеѓу вториот и шестиот месец од животот.

Црвенило, меурчиња, перутење …

Кај бебето или детето на самиот почеток може да се видат црвени, влажни и меки промени со меурчиња, кои подоцна се трансформираат во задебелена, груба и црвена кожа која се лупи. Овие промени се случуваат најчесто на образите, челото, рацете, а потоа се појавуваат и на другите делови на телото, рацете и нозете, особено на наборите на лактите и колената.

Чешање и печење

Овие промени на кожата се придружени со чешање и гребење така што доаѓа до пукање на меурчињата и создавање на влажна рана. Со сушење на нивната површина доаѓа до формирање на краста. Чешањето и понатаму го поткопува интегритетот на кожата, што заедно со веќе нарушената бариерна функција на кожата, ја отвора вратата за влез на микроорганизми, така што доаѓа до секундарна инфекција на кожата, па затоа многу е важно со соодветен третман и грижа да се намали интензитетот на чешање.

Дали црвенилото и сувата кожа се секогаш знак за атописки дерматит

Повеќе видови на воспаление кај малите деца може да доведат до црвенило на кожата, како на пример: себороичен дерматит, прегревање, нарушувања на потните и лојните жлезди, иритација од облека и сл. Сувостa може да биде знак дека кожата на бебето сѐ уште не се прилагодила на надворешната средина и нема развиено механизми на хидрација. Симптомите треба да ги дијагностицира лекар и да утврди за што точно се работи.

Што да правите кога ќе ги забележите овие симптоми

Веднаш штом ќе ги забележите првите промени, многу е важно Вашето дете да го однесете на дерматолог или педијатар. Со навремено започнување на терапија се намалува интензитетот на симптомите, болеста се држи под контрола и се намалуваат периодите на влошување на состојбата. Важно е кожата на детето да биде постојано хидрирана, чиста и негувана. Никогаш без консултација со доктор немојте да давате лекови!