АТОПИСКИОТ ДЕРМАТИТ ЧЕСТО СЕ ДОВЕДУВА ВО КОРЕЛАЦИЈА СО АЛЕРГИИ. ДАЛИ АТОПИСКИОТ ДЕРМАТИТ Е АЛЕРГИСКА РЕАКЦИЈА?

Атопија претставува наследна склоност кон поголема продукција на IgE и бурно реагирање на вообичаени стимуланси од надворешната средина. Личности со атописка конституција имаат поголем ризик во текот на животот да развијат некоја алергиска болест.
Кај атопичарите полесно доаѓа до развој на I и IV тип на хипрсензитивност, така што и покрај манифестација на атопија може полесно да развијат и други видови на алергија.

МАНИФЕСТАЦИЈА на атопија:

  • Атописки дерматит
  • Алергиски ринит
  • Бронхијална астма
  • Кератоконјуктивит

НАЈЧЕСТИ АЛЕРГИСКИ РЕАКЦИИ КАЈ АТОПИЧАРИ:

  • Алергиски реакции на храна
  • Анафилакса
  • Алергиски контактен дерматит
  • Други видови на алергии

Атопискиот дерматит е кожно заболување кое се јавува кај предиспонирани лица. Атопичарите имаат поголема склоност кон развој на алергии. Контактот со алергени може да доведе до манифестација на други клинички слики на атопија како што се поленска кивавица.

Алергени кои можат да бидат активатори на атопискиот дерматит може да се најдат во опкружувањето на детето и да дојдат во контакт со кожата (грињи, полени, честички од загаден воздух, животински влакна …), а може да бидат и алергени од храна (риба, кикирики, јајца и слично). Изложеност на алергени од храна со голем алергиски потенцијал (животински протеини, вештачки бои, конзерванси, ….) може да се предизвикувачи за појава на атопискиот дерматит. Според резултатите од некои истражувања 35-40% од децата со егзема имаат и нутритивна алергија. Покрај тоа и други фактори може да бидат предизвикувачи на влошување на состојбата кај пациенти со атописки дерматит, од кои најзначајни се хемикалии нанесени на кожа, ненадејни промени на температурата, прекумерна топлина, потење и други.

Кај децата со атописки дерматит постои и нарушување на клеточниот имунитет, поради што кај нив почесто се јавуваат разни заразни болести (предизвикани од вируси, бактерии и габи) кои имаат потешка клиничка слика и подолго траат, во споредба со децата кои немаат атописка конституција.

КОЛКУ СЕ СИГУРНИ ТЕСТОВИТЕ ЗА АЛЕРГИИ?

Постојат различни начини на алерголошко тестирање. Најчесто се испитува преосетливост (постоење на алергија) на:

  1. 1. Нутритивни и инхалативни алергени (предизвикувачи од храна и воздух) т.н. “прик” тестирање и
  2. 1. Предизвикувачи од надворешната средина со кои доаѓаме во контакт преку кожа и слузокожа, “печ” тестирање.

Во првиот случај во кожата се вбризгува мала количина на испитувани супстанции, додека кај “печ” тестирањето на кожа се лепат комори во кои се наоѓаат испитуваните супстанции. По одредено време се читаат резултатите од тестот, и се носи заклучок дали постои или не, алергија на испитувате алергени.

Тестовите за алергени не се потполно сигурни. Додека негативниот резултат на тестот е цвст доказ дека детето нема алергија на храна, позитивен резултат од тестот не е толку веродостоен поради честите лажно позитивни резултати. Затоа, не се препорачува исклучувањe на одредена храна кога тестот покажува дека детето е алергично на истата.

Често прашање е дали се повторуваат алерголошките тестови и во кој временски интервал.
Тестовите можат да се повторуваат, но тоа зависи најмногу од мислењето на докторот кој го барал првичното тестирање.

АЛЕРГЕНИ ОД ХРАНАТА И ОД ОКОЛИНАТА

Во случај на докажано постоење на алергија кон храна се советуваат диети. Од важност е да се посвети внимание на вкрстени алергиски реакции. Независно од начинот на влезот на алергенот (контактно, инхалативно или алиментарно), алергиските реакции може да се манифестираат системски или локализирано на еден или повеќе органи (на кожата, белите дробови, органите за варење).
Најпознати алергени кои го активираат и влошуваат атопискиот дерматит се: грињи, животинска кожа, габи, мемла, полен, трева, дрвја, коров. Од намирниците тоа се: млеко, јајца, риба, јаткасто овошје, јагоди, мед и производи од мед, пченица и соја. Не се препорачува рутинска замена на млечни производи, кај сите деца со некоја од манифестациите на атопија.

ШТО УШТЕ ДОПРИНЕСУВА ЗА АКТИВИРАЊЕ НА АД?

  • Користење на несоодветни сапуни и тврдата вода само по себе додатно ја нарушува бариерната функција на кожата и го активираат или влошуваат АД.
  • Волна, пот, чад, влага, високи температури и стрес исто така може да активираат или да влошат веќе активен атописки дерматит.

Доц. д-р сци. мед. Светлана Попадиќ спец. дерматовенеролог
Асс.д-р.сци.мед. Срѓан Танасиловќ спец. дерматовенеролог